Живожарица, 1990

Од Wikibooks

Јован Котески
Живожарица

Издавач: Култура, Скопје
1990



Во спомен на сестра ми Елена


Задоцнет славеј[уреди]


(елегија за себе)

Чистата варијанта на гласот на славејот
е минато.
Сега гласот на славејот е раскапан
(како кога паѓа лапавица),
лапа невкусни слогови
и истура шаржери – преквачени акорди!
Гласот на славејот е
дословна цавкутница,
(разлабавена иронија на природата),
се’ повеќе мекнее,
но за споредба со ѕвездените полилеи
веќе не е.
Гласот на задоцнетиот славеј е
за во некое складиште
натрупано старудии,
тој е распарчено сино камче
фрлено среде ружопрсто отворање на зората
брилијант со музејска вредност!

Бројки за споредба[уреди]


На моите деца Васил и Јасна

Во време на робијата
мојот затворенички број беше: 6412.

Во Хомеровата „Илијада“
стихот 6412 гласи:
„Сега за татко ви ваш
ќе ја платите грдата грешка“.

Понекогаш нештата
во времето и во просторот
се римуваат и без наша волја.
Што се може.

Орнамент[уреди]


Не очекувајте од мене да ви зборувам
дека морето е сребрен меч
опточен со златни нитки,
со ѕвезди.

Медалјон[уреди]


(Музата Мелета)

На грлицата со грсти и’ давам
јадри зрна пченица.
Што можам? Таков сум
и таква споредба
со тебе правам!

Сознание[уреди]


На златната терезија од Зевс
пафтаат раширени крилја
и Вселената полетува
со пурпурно зрно во клунот.

Сипче[уреди]


Сипче, безумно пиленце!
кажи уште колку ќе трае зимава,
колку ќе наврне снег?

Ти смрзнало клунчето,
ти се фатило крилцето,
само душа ти сипе, ти пее

Римувана песна[уреди]


Во палатата на крал Пријам
Касандра слекува саја
сама.

Во плевната во Криволаки
Стамена растура копа
слама.

- Две жени,
два сјајни лика на светла кама! –

Зрнца[уреди]


Градите на Андромаха-
нетресени круши горнички
О леле, окаен сум
пред една миризлива смрека
сонувајќи модри и црвени боболки,
модри и црвени зрнца, Алте
за многудрежна жена.

Чучулига на бедемот[уреди]


По рабовите на крилјата нагрна
дел од посна земја
и топла морница

Оживеа
на брановите од воздухот
угреа сјајна зорница

Копче[уреди]


Шлемот на глава брани,
мечот преку рамо се спушта
и блеска.

Колку може да поврзе
едно обично, ситно копче,
со рецка?!

Загина Аписаон Хипасов[уреди]


Треба да се сложат дарежливите останки на природата
во таква непоматена хармонија
што пред и да полета гулабот на смртта
нека го колвне зрното со страст.

Запис[уреди]


Му се здроби снагата
божилакот преку него пие
синоока нежност од реката.

Сарпедон, Ликиецот[уреди]


Светлата јадица е фрлена в море.
Дрвото отсечено паѓа и пишти.
Веќе е мртов Сарпедон, Ликиецот.
Грмада од мошти. Земја стежната.

Жалбата на Лета[уреди]


1.
Ми донесоа зрела
мисковина диња.
Кобник умира од злоба.
По развеаните розови цутје
чувствувам во сонот
Титие ме вклештил
дива, белозаба свиња.

2.
Крај море самотна смоква цвета
и миризлив ветер се шири
во топли црносини витли.
Растура раскошни зделки!

Две души од устите
се преселуваат во царството на Лета
непогрешно водени по трагата
на две одлетани стрелки.

Пајан[уреди]


Копјата се забодуваат в тил,
мечовите ѕвечкаат во оградите на забите
панѕирите се потнат в крвје.
Воините гинат, Пајане,
Колку ќе трае оваа душманска војна?
Ова стопанкино подозрение?

Наусикија[уреди]


Наусикија
со разлеани очи
те дочекува
те враќа во живот.
Те одведува со муле
среде миризливи плодови.
Изморен патнику!
По душевните бродоломства
дознаваш и сам
колку е драгоцена
убавината.

Зандана[уреди]


Едно око, и уште едно, и уште едно...
и времето се набива во просторот
а просторот е грозно грд, офкање бедно!

Солзи[уреди]


Се’ што скока и ползи
со оган во очите пламнат
од уплав и ужас солзи.

И така...[уреди]


И така – мој Полидаманте!
не се слушнаа форминги гитари, лири...
Утре е нов ден, но изгледа
борбата никогаш нема да се смири...

Злато[уреди]


Бездушник е златото.
Особено од придружна мисла
залисува со студен сјај.
И глеј-
тоа не признава сестринска љубов,
се открива во неодложно предавство
- фарисеј!

Монолог[уреди]


Ахил им говори на првенците:

Доста ми е само светлината
од изворите
за да го продолжам својот род
овде и таму
дајте ми капка роса
бакнеж на кремен и огнило,
икра и искра на плисната крв.

Гласниците на смртта молчеа.

Аполон[уреди]


На робинките диви ко разгорен оган –
Талеја, Кимодока, Главка,
Халија, Мелета, Агава,
Галатеја, Лимнореја,
Аматеја скраја со кадрици коси
Аполон топли зборови им роси:
„Ако во бела пештера не може да заврзе род,
може да расцути злоба“!

Глина[уреди]


Гласот на гулабите
во растопен калај тече
од кај дубравите.
Капините се затрчани легии.
Далеку облаци, луњи, чад...

Не знам како можеле да из’ртат
од пресна глина.

Пенелопа[уреди]


Мека и обла како топка
цела зафатена од страст
(како растение од повит)
се виеше
околу корави машки тела

Нагонот и’ влегуваше длабоко во утробата

При создавањето а светот
боговите ја одредија Пенелопа
за постојано потулено жарче
жедта да ја угаснува со жед

Што стори, црн Одисеј?
Зошто почна да го ораш морето?

Плажа[уреди]


Густото тело на жената
црпи песок и зраци.

Со жива азбука од школки
меѓу брегот и морето се децата.

Густа, пламната вејавица
шиба од женско тело.

Спокој[уреди]


Двајцата влегоа во морето
водата им ги обли телата.
Ветерот молкнат. Божествен
некој спокој.

Во едноличноста на модрината
двајцата воини во истиот миг
не мислеа исто, а едниот
просторот го гледаше со едно око.

Долон[уреди]


Од се’ во сознанието остана само еден коњ
и СТРАВОТ на Долон
кој како смарагд од себе блеска.

Истурено е оловото од облаците
и само со крвава кожа од лав
се доразубавува небесната фреска.

Ленени кошули[уреди]

Цел ден[уреди]

Лезбјанки[уреди]

Линовата песна[уреди]

Змија[уреди]

Грлица[уреди]

Моите коњи[уреди]

Са-ноќ[уреди]

Тројци[уреди]

Враже[уреди]

Цутови[уреди]

Споредба[уреди]

Оси[уреди]

Скорпија[уреди]

Демодок[уреди]

Статуа[уреди]

За една туѓа жена[уреди]

Хрисеида[уреди]

Обетки[уреди]

Брисеида[уреди]

Менелај[уреди]

Диомед[уреди]

Терсит[уреди]

Антеја[уреди]

Тројанки[уреди]

Страст[уреди]

Дејфоб[уреди]

Дарот на Ахил[уреди]

Лаерт[уреди]

Антиној[уреди]

Арета[уреди]

Сенката на Ајант[уреди]

Смртта на Хектор[уреди]

Песна за воинот[уреди]

Бик[уреди]

Тантал[уреди]

Поведение![уреди]

За унер[уреди]